Шкотска доминираше и промашуваше - Словенија едвај извлече бод во Љубљана!
Овој резултат е од интерес за македонската спортска јавност, со оглед на тоа што двете селекции се наоѓаат во истата група каде што нашата репрезентација вечерва на домашен терен го игра својот дуел против силната Швајцарија (20.45 часот). Натпреварот одигран на стадионот „Стожице“ во Љубљана, пред скромна публика од само 12.000 гледачи, започна со висок интензитет и неколку ветувачки ситуации за домашниот состав во воведните минути. Сепак, почетниот елан брзо згасна, а неиграњето на главната ѕвезда во нападот, Бенјамин Шешко, остави огромна празнина во офанзивниот ред на домаќините.
Ова резултираше со исклучително тешко деби за новиот словенечки селектор Боштјан Цесар, чии избраници во остатокот од мечот беа принудени грчевито да се бранат. Шкотска има за што да жали по ова гостување бидејќи брзо ја презеде иницијативата и креираше шест-седум извонредни шанси за погодок. Боуви, Мекбрни, Гилмор и Роби Јур константно се закануваа, во една ситуација ја погодија и стативата, но едноставно не успеаја да ја сместат топката во голот.
И покрај опасните налети на Шкотланѓаните во двете полувремиња, мрежите мируваа. Двете репрезентации мораа да се задоволат со по еден освоен бод, оставајќи ја битката за лидерската позиција во групата ширум отворена пред вечерашниот фудбалски судир на Националната арена во македонската престолнина.