Новата сезона почнува со спектакл: МКК Куманово и МЗТ Скопје во борба за првиот пехар
Вечерва од 18 часот, во Куманово, МКК Куманово и МЗТ Скопје ќе ги одмерат силите во финалето на Суперкупот „Драган Василов – Цевка“. Куманово ќе има голема предност во поддршката од домашната публика, а натпреварот има и дополнително значење бидејќи годинава се одбележуваат 80 години кошарка во градот. Тренерот на Куманово, Марин Докузовски, очекува вистински кошаркарски спектакл и максимален ангажман од своите играчи.
„Нема поубава проба пред почетокот на првенството. Дополнително се слави и 80 години од кошарката во Куманово. Очекувам спектакл, да биде полна салата, ние сме спремни да дадеме сè од себе, па подобриот нека победи. Од ден на ден ќе ги корегираме недостатоците, нормално е, почеток на сезона е, сè уште не сме воиграни како што треба. Очекувам од натпревар во натпревар да играме сè подобро, затоа што навистина добро тренираме. Имаме добар ростер, борбени играчи, очекувам да играме максимално агресивно во одбрана и публиката во Куманово да биде задоволна од нашето претставување“, изјави Докузовски.
На спротивната страна е МЗТ Скопје Аеродром, кој во новата сезона влегува со амбиции на повеќе фронтови. Аеродромци покрај домашните натпреварувања ќе настапуваат и во АБА2-лигата, а по пауза се враќаат и на европската сцена. Тренерот Васко Атанасов верува дека неговиот тим има доволно квалитет и ширина за густиот распоред.
„Мислам дека ростерот кој го имаме сега може да одговори на предизвиците кои ќе ги имаме пред нас сезонава. Ритамот ќе биде многу пеколен, но имаме доволен број на играчи, доволно квалитетни кои ќе можат да одговорат на предизвиците кои оваа сезона ќе ни ги донесе. Ќе се обидеме секој натпревар да го победиме, дали е во ФИБА Еврокупот, АБА2-лигата или првенството. АБА2-лигата ќе ни биде на некој начин приоритет, како и трофеите во домашното првенство. Но, да сумирам, ќе пробаме да го задржиме тоа што веќе го имаме и да го додадеме тоа што уште го немаме“, порача тренерот на МЗТ.
Така, новата сезона започнува со дуел во кој и двете екипи имаат свои мотиви. Куманово ќе се обиде пред своите навивачи да стигне до првиот трофеј во својата историја, а МЗТ Скопје да ја продолжи доминацијата во Суперкупот каде има осум трофеи.