На Сити му се заканува и исфрлање во понизок ранг, а Халанд има договор до 2034 година
Казната е извесна. Доколку има ретроактивно одземање бодови (а со тоа и титули), ќе биде засегната историјата на клубот. Доколку, пак, следува исфрлање во понизок ранг на натпреварување, цената ќе ја плати актуелниот состав, а со тоа ќе биде загрозена и иднината на клубот.
Во вториот случај, особено интересна би била ситуацијата со Ерлинг Халанд, првата ѕвезда на клубот, а можеби и на целата Премиер лига. Тој минатата година потпиша договор со „граѓаните“ во траење од девет и пол години, со кој се обврза на „Етихад“ до 2034 година.
Важно е да се нагласи дека договорот на норвешкиот напаѓач не содржи клаузула која би му овозможила автоматски да го напушти клубот во случај на испаѓање во Чемпионшип или во некој од пониските рангови. Кога бил прашан дали постои излезна клаузула поврзана со евентуално испаѓање, Халанд изјавил дека не е запознаен со тоа дека постои таква одредба.
Сепак, тоа не значи дека Норвежанецот ќе остане врзан за Сити до истекот на договорот, особено ако клубот биде исфрлен во трет, четврти или петти ранг. На Островот се шпекулира дека во договорот на Халанд постои откупна клаузула, но таа информација не е потврдена, ниту, пак, се знае за која сума станува збор.
На крајот, најпопуларните фудбалери на денешницата одамна имаат моќ, а често и ја користат, да издејствуваат трансфер и покрај тоа што имаат потпишано долгорочни договори.