Дисциплината на прво место: Клоп забранил мобилни телефони и шишање во хотелот

Прославениот стратег Јирген Клоп вчера го одработи првиот тренинг како селектор на германската репрезентација, а уште на самиот почеток воведе ред и постави појасни и построги правила за своите фудбалери.

Клоп го прекина одморот од тренерската работа, откако немаше ангажман од летото 2024 година, кога го напушти Ливерпул. Повикот да ја предводи репрезентацијата на Германија, сепак, беше нешто што не можел да го одбие.

Така, на 60-годишна возраст, Клоп дочека да ја води својата земја, но истовремено е свесен дека пред него има многу работа доколку сака Германија повторно да ја врати на врвот на европскиот и светскиот фудбал.

Пред сè, новиот селектор воведе строги правила кои се разликуваат од практиките на неговиот претходник Јулијан Нагелсман, кој токму поради дел од нив беше критикуван во периодот додека беше на клупата.

Клоп воведе четири правила кои мора да ги почитуваат сите репрезентативци. Забранети се мобилните телефони, шишањето во хотелот, постојаното присуство на семејствата и доцнењето на вечера.

Правило 1: Точност

За време на мандатот на Нагелсман, фудбалерите можеле постепено да пристигнуваат на вечерата, која била закажана во 19 или 20 часот.

Кај Клоп, сите играчи мора да бидат на вечера точно во закажаниот термин. Целта е да се зајакне чувството на заедништво во тимот. Стручниот штаб сака заедничките оброци да бидат можност за играчите да разговараат, да разменуваат идеи и дополнително да се зближат.

Правило 2: Без мобилни телефони пред натпреварите

Фудбалерите во иднина ќе треба да бидат целосно фокусирани на подготовките за натпреварите. Тоа се однесува, на пример, на периодот кога се загреваат во теретана или се на масажа. Наместо да поминуваат време на телефоните, од нив се очекува да разговараат со соиграчите и да ја искористат секоја можност за градење подобра атмосфера во тимот.

Правило 3: Нема шишање во хотелот

Шишањето во хотелот каде што престојува репрезентацијата повеќе нема да биде дозволено. Идејата е едноставна, доколку одите на службено патување, треба да се погрижите за фризурата однапред, исто како што би направил секој друг вработен пред службено патување.

Правило 4: Ограничено присуство на семејствата

Јулијан Нагелсман беше жестоко критикуван бидејќи им дозволуваше на семејствата на фудбалерите да бидат со нив во текот на целиот репрезентативен собир.

Под водство на Клоп, тоа ќе биде дозволено само повремено, и тоа за време на големи турнири. Наместо постојано присуство на семејствата, Клоп сака фудбалерите да се фокусираат на заедничката цел и преку заедничкиот престој во хотелот дополнително да го зајакнат тимскиот дух.