Реал во војна и со Атлетико: „Кратко памтите, судиите ги почитувате само кога ви одговара“
Откако од таборот на Атлетико стигнаа критики за односот кон судиите, Реал Мадрид одговори преку својата клупска телевизија со видео во кое потсетува на низа ситуации од минатото.
Во прилогот се посочува дека ставот на Атлетико кон судиите не бил секогаш ист, односно дека клубот бара почит кон арбитрите кога одлуките му одат во прилог, додека во спротивни ситуации следуваат остри реакции.
„Памтењето ви е кратко. Судиите ги почитувате само кога ви одговара“, беше една од пораките во видеото на Реал.
Кралскиот клуб потсети и на неколку ситуации во кои Диего Симеоне и неговите фудбалери бурно реагирале на судиските одлуки. Во видеото биле прикажани и моменти од претходни мадридски дерби натпревари, како и изјави на претставници на Атлетико за судењето. Реал преку својот прилог се осврна и на неодамнешните пораки од Атлетико, со кои клубот повика на прекин на притисокот врз судиите.
На тој начин, наместо смирување на страстите по дербито, пристигна ново продолжение на јавната расправија меѓу двата мадридски клуба. Сепак, во центарот на вниманието овие три дена е Реал Мадрид кој отвори војна со сите: Барселона, Атлетико, Хавиер Тебас, судиите, судиската организација... Единствено вината за поразот во градското дерби не ја побара во своите редови.