Тиквеш по нови бодови во Кратово, преродениот Башкими ѝ се заканува на Шкендија!

Екипата на Тиквеш со зголемени амбиции за пласман во горниот дел на табелата му гостува на Силекс, додека разиграниот Башкими најавува храбра игра против фаворизираната Шкендија на неутрален терен во Гостивар, во двете денешни средби од осмото коло од домашниот фудбалски шампионат.

Кавадаречкиот состав со позитивна низа од четири натпревари без пораз (три ремија и една победа) влегува во натпреварот во Кратово. Откако претходно остана непоразен против Вардар и извојува голема гостинска победа над Шкендија, Тиквеш во последното коло одигра нерешено против екипата на Струга. Овие резултати им даваат силна надеж на кавадарчани дека можат да ја продолжат позитивната серија и да дојдат до нови бодови против Силекс.

„Сакаме да ја продолжиме серијата на добри резултати која ја имаме на последните натпревари. Силекс е одлична екипа, и покрај тоа што резултатите на последните натпревари не кажуваат така. Сепак, влегуваме со максимален респект во натпреварот и само со максимален пристап ќе можеме да дојдеме до позитивен резултат. Кратово е секогаш незгодно гостување, но оптимисти сме дека можеме да дојдеме до бодови“, изјави Кристијан Ацковски.

Башкими, пак, ќе се соочи со Шкендија, откако по лошиот старт на сезоната и петте порази во низа, успеаја да фатат некаков ритам. Тие забележаа две победи во Купот против Скопје и БВБ Коњаре, а неодамнешното реми против Вардар (3-3) дополнително ја подигна атмосферата во екипата. Шкендија ќе биде домаќин на овој натпревар кој ќе се одигра на неутрален терен во Гостивар (16 часот), а правдата ќе ја дели главниот судија Фатмир Бафто.

Досегашната статистика покажува дека на шеснаесет меѓусебни дуели, Шкендија има осум победи, Башкими славел шест пати, додека две средби завршиле без победник. На последниот меѓусебен дуел одигран во Тетово, Башкими приреди изненадување и славеше со 3-2.

„Атмосферата против Шкендија е секогаш специфична. Се соочуваме со тим кој има шампионски претензии и квалитетен играчки кадар, но „бело знаме“ не истакнуваме. Во Гостивар влегуваме максимално мотивирани за да извлечеме позитивен резултат“, истакна Андри Стафа.