Потег на Клоп каков што досега немало, објави два состави на Германија! (ФОТО)
На прв поглед може да се помисли дека Клоп планира тренинзи со речиси четири комплетни тимови. Сепак, планот е сосема поинаков. Германија всушност ќе има два различни состави за два дела од репрезентативниот циклус.
Првата група од 24 фудбалери ќе се подготвува за гостувањето кај Холандија на 24 септември и домашниот дуел со Грција три дена подоцна. По натпреварот со Грците, голем дел од овие играчи ќе се вратат во своите клубови, а во репрезентацијата ќе пристигнат уште 20 нови фудбалери за натпреварите против Србија на 1 октомври и Грција во Солун на 4 октомври.
Причината за овој необичен експеримент пред сè лежи во новиот меѓународен календар.

ФИФА од 2026 година ги спои досегашните одделни репрезентативни периоди во септември и октомври во еден 16-дневен термин, во кој репрезентациите можат да одиграат четири натпревари. Оваа година тој период трае од 21 септември до 6 октомври.
Претходно репрезентативците во септември заминуваа на два натпревари, потоа се враќаа во клубовите, а неколку недели подоцна повторно се приклучуваа на репрезентацијата за уште два дуели.
Германија поради тоа своите први четири натпревари под водство на Клоп ќе ги одигра во само 11 дена:
24 септември: Холандија – Германија
27 септември: Германија – Грција
1 октомври: Германија – Србија
4 октомври: Грција – Германија
Токму ваквиот распоред му овозможил на Клоп да го реализира својот експеримент. Првата причина е контролата на оптоварувањето на фудбалерите.
Клоп уште пред објавувањето на списокот најави дека практично ниту еден играч нема да одигра по 90 минути на сите четири натпревари и дека сака многу порационално да ја распореди минутажата.

Наместо Кимих, Мусиала, Хаверц и останатите речиси две недели да поминат со репрезентацијата и да одиграат четири натпревари, дел од фудбалерите ќе го одработат првиот блок, а потоа ќе се вратат во своите клубови. Втората група ќе ја преземе репрезентацијата за завршниот дел од циклусот.
Ова е важно бидејќи фудбалерите штотуку го завршија Светското првенство и веднаш влегоа во новата клупска сезона. Клоп нема намера да собере 44 играчи на еден тренинг и од толку голема група да се обидува да составува тим.
Првите 24 ќе ги започнат подготовките и ќе ги одиграат првите два натпревари. По дуелот со Грција во Аугсбург ќе следи голема промена во составот, по што новите играчи ќе се подготвуваат за Србија и второто гостување кај Грција.