Одбојкарите ја заборавија Бугарија, сите мисли се насочени кон Украина

Македонската одбојкарска репрезентација ги почна подготовките за новиот предизвик на Европското првенство, а по дуелот со Бугарија фокусот целосно е насочен кон дуелот со Украина. Двете селекции се дел од групата Б на Европското првенство во 2026 година.

Нашите одбојкари во одлична атмосфера го одработија денешниот тренинг, на кој главниот акцент беше ставен на подготовката за следниот противник.

Пред одбојкарите следуваат и работен состанок и видеоанализа, преку кои стручниот штаб ќе се обиде дополнително да ги подготви играчите за она што ги очекува против Украина. По поразот од Бугарија на стартот на шампионатот, македонската репрезентација сака да покаже подобро издание во следниот натпревар и да дојде до резултат кој ќе ги задржи шансите за пласман во следната фаза.

Натпреварот меѓу Македонија и Украина се игра утре од 15 часот. Досега со овој ривал сме одиграле седум натпревари и имаме само една победа, во 2013 година.