Некогаш беше меѓу најталентираните во светот, сега бара клуб да си ја спаси – кариерата!
Своевремено сметан за еден од најталентираните млади напаѓачи во Европа, Санчо сега се наоѓа пред клучна одлука за заживување на својата форма во годините кои би требало да претставуваат врв во неговата професионална кариера.
За услугите на офанзивниот фудбалер постои сериозен интерес од повеќе различни првенства. На неговата маса има понуди од клубови од Англија, Италија, Германија и Турција, како и профитабилни опции од Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ). Опцијата за враќање во Борусија Дортмунд се истакнува како една од најреалните, со оглед на тоа што германскиот клуб одлично ги познава неговите квалитети и сè уште покажува интерес за обнова на соработката која претходно го вивна меѓу светските фудбалски ѕвезди.
Санчо го реализираше својот трансфер на „Олд Трафорд“ во 2021 година за сума од 73 милиони фунти, по импресивните настапи во Бундеслигата. И покрај големите очекувања дека ќе се наметне како еден од најдобрите играчи во Премиер лигата, неговиот развој не се одвиваше според планираното. Пет години по големиот трансфер, Англичанецот е исправен пред изборот дали да се обиде повторно да се докаже во англиската елита или да отвори целосно ново поглавје во друга фудбалска средина.