Вимблдон направи историски потег – ќе воведе строги забрани за инфлуенсерите!

Раководството на Вимблдон донесе одлука да воведе строги забрани за внесување опрема за снимање и да не издава специјални акредитации за инфлуенсери на следното издание на турнирот.

Оваа реакција на организаторите на најпрестижниот тениски грен-слем доаѓа по низата инциденти на неодамна завршениот УС Опен, каде што натпреварите беа нарушувани од блесоци на светлина и несоодветно однесување на новата публика привлечена преку социјалните мрежи. За да ја зачува традицијата и концентрацијата на играчите на теренот, „Ол Ингланд Клубот“ најави дека обезбедувањето на влезовите ќе ги одзема сите таканаречени „ринг светла“, како и секоја друга дополнителна опрема што може да им попречи на тенисерите за време на играта. За разлика од организаторите во Њујорк, кои оваа година доделија стотина акредитации за креатори на содржини, британските власти категорично одбиваат воведување на ваква категорија пропусници, со цел да се задржи фокусот исклучиво на спортот.

Проблемот со тениската публика на „Флешинг Медоус“ ескалираше до тој степен што и самите ѕвезди, меѓу кои Коко Гоф и Наоми Осака, мораа директно да ги опоменуваат гледачите да го почитуваат основниот тениски бонтон. Иако Ју-Ес Опен традиционално се одликува со поопуштена атмосфера и бучна публика, константните предупредувања на видео-екраните не беа доволни за да се спречи нарушувањето на играта.

Наспроти тоа, челниците на Вимблдон испратија јасна порака дека на нивниот турнир тенисот и играчите секогаш ќе бидат на прво место, додека трендовите на социјалните мрежи остануваат во втор план.