Приказната за Кими Антонели – момчето кое од бебе не го испушта воланот!
Додека на подиумот не можеше да ги задржи солзите, Италија славеше. По точно 60 години и победата на Лудовико Скарфиоти во 1966 година, домашната публика конечно доби свој возач на највисокото скалило во „Храмот на брзината“.
Но, зад историскиот триумф, зад рекордите и блескавиот комбинезон на Мерцедес, се крие приказна за едноставно момче од Болоња кое светот го запозна како Кими, а семејството сè уште го нарекува Енди. Неговата приказна започнува многу пред Формула 1, во семејство длабоко поврзано со автоспортот. Неговиот татко, Марко Антонели, поранешен возач и сопственик на тим, го ставил својот син во картинг кога имал само една година.
„Бевме на патеката во Сарно. Татко му го зеде во раце и направи еден круг. Кога застанаа, Андреа цврсто го држеше воланот и се смееше, не сакаше да излезе“, се присетува неговата мајка Вероника на моментот кој веројатно го дефинирал целиот негов живот.
На десетгодишна возраст, тој веќе управувал со Ламборџини, седејќи во скутот на својот татко, совршено следејќи ги идеалните линии на патеката. Тој неверојатен талент, надополнет со несекојдневна зрелост и способност да го контролира притисокот, не остана незабележан. На само 12 години, шефот на Мерцедес, Тото Волф, го вклучи во развојната програма на тимот.
„Знаевме што правиме. Го познаваме Кими уште од многу мал и ризикот што го презедовме беше пресметан“, објасни Волф, чија визија се реализираше кога Антонели на 18-годишна возраст беше најавен како наследник на Луис Хамилтон.
Патот до врвот беше молскавичен. По титулите во пониските рангови, каде што возеше со бројот 12 во чест на својот идол Сена, тој ја прескокна Формула 3 и веднаш почна да реди победи. Социјалниот живот на тинејџерот беше внимателно балансиран од неговите родители, кои инсистираа неговиот свет да не биде заснован исклучиво на една цел. И денес, надвор од патеката, каде што се придржува до строги правила на исхрана и тренинг, тој е само момче кое пред најважните трки го јаде омиленото јадење – таљатели подготвени од неговата мајка и кое гордо го носи ѓерданот во форма на опашка од кит како амајлија.
Големата награда на Италија требаше да биде тежок викенд. По казната и падот на 19-тото место на стартот, сонот за домашен триумф изгледаше невозможен. Но, Антонели почна да ги претекнува ривалите еден по еден. Клучниот момент дојде по второто излегување на безбедносното возило, кога со нови пневматици тргна во офанзива, стигнувајќи го својот тимски колега Џорџ Расел. По еден неуспешен обид, на седум круга до крајот, италијанскиот вундеркинд го презеде водството и испиша историја.
Со 20 години и 12 дена, тој стана најмладиот победник на италијанското гран-при. Светот доби нова ѕвезда, а Италија херој чија приказна штотуку започнува.