„Би сакал многу македонски навивачи на ЕП во Софија, но знам дека ќе ги има малку!“

Македонската одбојкарска репрезентација утре (9 септември), ќе го почне настапот на Европското првенство и тоа против домаќинот Бугарија, но на трибините во „Арена Софија“ најверојатно ќе изостане масовната поддршка од македонските навивачи.

Искусниот репрезентативец Александар Љафтов, во пресрет на отворањето на турнирот од групата Б, за бугарските медиуми истакна дека очекува поддршката за националниот тим на овој тежок натпревар главно да дојде од семејствата и пријателите на одбојкарите.

„Се надевам и посакувам да има македонски навивачи во салата, иако тешко дека тоа ќе се случи. Сепак, сигурен сум дека нашите најблиски луѓе ќе бидат тука и ќе нѐ поддржат соодветно“, изјави Љафтов по пристигнувањето во бугарскиот главен град.

И покрај најавеното отсуство на организирана навивачка група, македонскиот табор влегува со висока мотивација во пресметката против домашната селекција, која е актуелен светски вицешампион. За Љафтов овој натпревар има и дополнителна тежина и специфичност, со оглед на тоа што тој помина четири успешни години настапувајќи во бугарското првенство за екипата на Хебар од Пазарџик, каде што ги освои сите домашни трофеи.

„Како домаќини, вие сте најтешкиот противник и салата ќе биде полна. Знаеме дека овој состав на Бугарија е светски вицешампион. Нема да биде полесно ниту против Полска, но ние ќе се потрудиме да ја играме нашата одбојка. Атмосферата во тимот е одлична и влегуваме во натпреварувањето со желба и мотив“, додаде македонскиот примач.

Македонија во групната фаза освен против Бугарија и Полска ќе игра уште и против Израел, Португалија и Украина. Пласман во следната фаза ќе обезбедат четирите најдобри селекции на табелата по петте одиграни кола.