Ужасна повреда на напаѓач на Олимпијакос – противничкиот голман плачеше како мало дете (ВИДЕО)

Натпреварот од грчкото фудбалско првенство меѓу екипите на Волос и Олимпијакос беше во прекин во завршницата од првото полувреме поради стравична повреда на гостинскиот напаѓач, Ајуб Ел Каби.

Мароканскиот интернационалец мораше предвреме да го напушти теренот на носилки по физичкиот контакт со противничкиот голман. Во 43. минута од натпреварот, при борба за топка, дојде до директен судир меѓу Ел Каби и чуварот на мрежата на Волос, Мариос Сјабанис. При падот, ногата на напаѓачот на Олимпијакос остана приклештена под телото на истрчаниот голман, заземајќи неприродна положба. Лекарскиот тим веднаш влезе на теренот и укажуваше помош неколку минути, по што фудбалерот беше изнесен од игра.

Ситуацијата предизвика видлива вознемиреност кај сите актери на теренот. Откако ја увиде сериозноста на повредата која настана како последица од нивниот дуел, голманот Сјабанис емотивно реагираше и низ солзи го проследи изнесувањето на противничкиот играч. Во духот на фер-плејот, тој веднаш доби поддршка и утеха од своите соиграчи, но и од фудбалерите на Олимпијакос.