Марсијал пред шокантен кам-бек во Премиер лигата
Марсијал летово спогодбено го раскина договорот со мексикански Монтереј, по само една година помината во клубот. За Монтереј одигра 20 натпревари, но постигна само еден гол.
Иако преодниот рок заврши, 30-годишниот напаѓач може да потпише за нов клуб како слободен играч, доколку има место во составот. Токму таква ситуација има Евертон, кој во финишот од преодниот рок остана без планираното засилување во нападот. Kлубот од Ливерпул беше многу блиску до трансфер на Фоларин Балогун од Монако, но зделката пропадна во последен момент по компликациите околу лекарските прегледи и дополнителните преговори.
Во исто време, Евертон го продаде Бето на Фиорентина, па тренерот Дејвид Мојс остана само со Тиерно Бари како признат централен напаѓач во првиот тим. Според информациите на „ТИМток“, агентите на Марсијал веќе контактирале со седум клубови од Премиерлигата за да ги известат дека Французинот е достапен. Покрај Евертон, меѓу заинтересираните клубови биле и Лидс, Кристал Палас, Брајтон, Њукасл, Сандерленд и Тотенхем. Засега нема потврда дека некој од нив започнал конкретни преговори.
Марсијал последниот натпревар го одигра во март, во дресот на Монтереј, а пред тоа настапуваше за АЕК од Атина. Најголем дел од кариерата ја помина во Манчестер јунајтед, каде пристигна во 2015 година како еден од најголемите таленти во европскиот фудбал. Евентуалниот трансфер во Евертон би значел големо враќање за Марсијал во англискиот фудбал, но и можност повторно да игра против својот поранешен клуб Манчестер јунајтед.