Убедливи победи на фаворитите во Купот: Струга даде десет, Македонија ЃП 14 гола

Почетокот на новата сезона во Купот на Македонија донесе очекувани резултати, но и вистински голгетерски спектакл. На четирите денешни средби од 1/16-финалето фаворитите немаа никакви проблеми и рутински го заверија пласманот во следната фаза.

Најмногу голови паднаа во Валандово, каде што Струга Трим Лум со 10-1 ја совлада Победа. Домашниот состав практично го реши натпреварот уште во првото полувреме, во кое постигна дури седум гола. По паузата стружани додадоа уште три и стигнаа до двоцифрен број погодоци на овој меч.

Пелистер исто така немаше поголеми проблеми. Битолчани со 6-1 го елиминираа Студеничани, иако на теренот истрчаа со комбиниран состав. Прашањето за победникот беше практично решено по првите 45 минути, кога Пелистер имаше четири гола предност. Стојилевски, Љамчевски, Сиваков и Стојанов го наполнија голот на противникот во првиот дел, а Талевски и Пресилски во второто полувреме ставија точка на убедливата победа.

Уште една висока победа запиша Брера Струмица, која со 7-0 го совлада Венец Неготино и без никаква неизвесност обезбеди место во следната рунда.

Најбезмилосни, сепак, беа фудбачерите на Македонија ЃП кои на гостувањето кај Велазерими славеа со дури 14-0 што е една од највисоките победи во историјата на Купот на Македонија. Првиот погодок беше дело на Омер Сулејмани во 22. минута. На 2:0 зголеми Алекс Горгиовски со голот во 32 минута. Двојни стрелци на овој натпревар беа Михаил Митревски (34, 60), Марко Младеновиќ (70, 84) и Кристијан Ѓорѓиевски (77, 78). Хет трик забележа Трајче Талевски (55, 55, 89), а по еднаш прецизни беа Кристијан Таневски (38), Бесмир Исмани (44) и Марко Блажески (79)