Кошаркарите се во историска серија победи - време е за нова баскет-еуфорија во Македонија!
Ова е серија каква што не сме имале од осамостојувањето, што без разлика на нивото на натпреварувањето (претквалификации) е успех достоен за почит. Историската серија почна лани во август 2025 година со победата над Унгарија (82-75) во завршницата од претквалификациите за СП 2027. Победничкиот ритам продолжи со максимален учинок во првата фаза од претквалификациите за СП 2029, каде што Македонија ја освои групата со перфектни 6-0, а беше потврден со феноменалната партија во Виена.
Ако првите седум победи принудно беа остварени со комбинирани состави, поради откази од објективни и субјективни причини, дуелот со австриската селекција покажа дека Македонија во момент има генерација со која може да се гордее. Ненад Димитријевиќ и Мозес Рајт се покажаа како тандем од кој треба да стравуваат многу посилни селекции од последниот ривал, а нашиот тим ќе биде уште посилен кога ќе почне да игра и Андреј Јакимовски, кој сега беше спречен од клубот да дојде. Да бидат дел од оваа репрезентација заслужуваат и во моментов повредените Андреј Магдевски и Андреј Маслинко со што избраниот тим станува уште посилен и поопасен.
Ноемврискиот меч на домашен терен со Кипар ќе биде идеален предизвик за оваа нова генерација, за која веруваме дека пред домашна публика ќе покаже дека е далеку посилна и поквалитетна за играње во претквалификации. Ако продолжиме да играме со овој состав, предводени од шпанскиот тренерски гение Барокал, тогаш местото во квалификациите треба да биде реалност, а надежта дека повторно ќе се најде на едно ЕП ќе стане сосема реална.
Македонија во моментов има кошаркари со кои треба да се гордее и на кои треба да им помогне, а пресметката за три месеци против кипарскиот национален тим е прва можност за тоа. Време е да се врати кошаркарската еуфорија на која бевме сведоци пред и по четвртото место на ЕП 2011.