Белистојаноски: Ја направив Македонија горда, сите ја слушаа македонската химна!

Македонскиот каратист, Матеј Белистојаноски вчера го донесе првото злато за Македонија од Таранто, а самиот не го криеше задоволство од својот успех.

Матеј бил посебно среќен затоа што знаел дека додека го прима златниот медал околу вратот, сите ќе ја слушаат македонската химна.

„Се почувствував горд во тие моменти затоа што знаев дека сите ќе стојат исправено на македонската химна, помислив на мојот клуб, моето семејство и колку горди ги направив со ова злато. Во ниту една борба немав притисок, бев сконцентриран и тактички подготвен, верував во себе во секој момент и тоа придонесе да го освојам ова злато и да ја направам Македонија горда. На сите ќе им препорачам да веруваат во себе, да тренираат и никогаш да не се откажуваат затоа што се е можно, никогаш не знаеме што може да донесе спортот“, изјави Белистојаноски.

Освен златото на Медитеранските игри, тој претходно оваа година стана и европски шампион, а посакува во иднина каратето повторно да биде дел од Олимписките игри.

„Ова е моја година затоа што станав и европски и медитерански шампион и тоа е голем успех, среќен сум што ја направив Македонија во горда. Но, јас сум млад и времето е пред мене, се надевам дека некогаш каратето ќе се врати на Олимписките игри и ќе имам можност да освојам олимписки медал“, истакна македонскиот каратист.