Интер останува без човекот кој 29 години е во клубот

Според последните информации од Италија спортскиот директор на Интер, Пјеро Аусилио, ќе го напушти клубот на крајот од сезоната, откако двете страни не успеале да постигнат договор за продолжување на соработката.

Договорот на Аусилио со „нераѕурите“ истекува во јуни 2027 година, но двете страни не успеале да најдат заеднички јазик за негово продолжување и се очекува тој да си замине на крајот од актуелната сезона.

Аусилио во Интер пристигна во 1997 година, првично работејќи како секретар во младинскиот погон, во периодот кога клубот беше во сопственост на Масимо Морати. Во декември 2010 година беше назначен за спортски директор на „нераѕурите“, функција која ја извршува до денес.

„Кориере дела Сера“ наведува дека Аусилио понудата на Интер за продолжување на договорот ја сметал за непочитување. Клубот му понудил соработка на само уште една година, до јуни 2028 година, со минимално зголемување на платата, од 1,3 на 1,4 милиони евра, плус бонуси.

„Скај Спорт“ додава дека не може да се исклучи можноста Аусилио да го напушти Интер и пред крајот на сезоната, доколку до него пристигне примамлива понуда од друг клуб.