Мекиќ: Светла е иднината на оваа репрезентација!

Адем Мекиќ беше еден од најдобрите во составот на Македонија во денешната убедлива победа над Австрија во меч од рамките на вториот претквалификациски циклус за пласман на ЕП 2029.

Тој одигра извонреден меч на двата краја од теренот и со своето искуство, а заедно со останатите кошаркари, придонесе победата против Австрија да изгледа исклучително лесна.

„Извонреден резултат, добивме многу значаен натпревар, особено по првиот меч, односно првиот пораз на Австрија во Кипар кој беше малку и неочекуван. Знаевме дека тие ќе почнат многу офанзивно и многу физички, моравме да одговориме и многу сум горд на своите соиграчи и на стручниот штаб што влеговме многу енергично многу мотивирано, со голема самодоверба и еве, резултатот е извојувана извонредна победа“, вели Мекиќ по мечот.

„Многу е битно што играме како тим, знаеме кои се лидери на оваа репрезентација, тука е Нено, тука е Војдан, секој има своја улога, сите ја извршуваме задачата што ни е зададена на максимум и ако продолжиме така, мислам дека има светла иднина во оваа полу-млада репрезентација“.