Берокал пресреќен: Покажавме карактер кога беше најважно - Рајт прави огромна разлика!

Кошаркарската репрезентација на Македонија со убедлива победа го отвори новиот квалификациски циклус, откако со одличната тимска претстава ја растури Австрија среде Виена.

Поради тоа, селекторот Хозеп Мариа Берокал не го криеше задоволството од пристапот и прикажаниот карактер на неговите избраници. И покрај специфичниот летен термин и краткиот период за подготовка, црвено-жолтите одиграа зрел и тактички дисциплиниран меч, лимитирајќи го противникот на само 59 поени.

„Секогаш е добро кога едно натпреварување ќе се започне со победа. Овој ФИБА ‘прозорец’ беше сосема поинаков од претходните – сред лето, некои играчи можеби сè уште не се во посакуваната натпреварувачка форма, а имавме и многу кратки подготовки. Имаше доста прашалници пред натпреварот околу тоа како ќе изгледаме на теренот, но покажавме дека знаеме и можеме да играме. Извлековме одличен резултат, момците покажаа карактер и ова е само успешен прв чекор,“ истакна македонскиот стратег веднаш по средбата.

Клучот за победата беше токму тимската игра во дефанзива и контролирањето на ритамот низ сите четири четвртини.

„Тимскиот дух најдобро се виде во одбраната. Го задржавме противникот на само 59 поени, што е одличен дефанзивен учинок против шутерска екипа. Ги добивме сите четвртини, а кога ја движиме топката во напад, играме навистина квалитетно. Не е пресудно дали некој ќе погоди или промаши отворен шут, најважен е начинот на кој се игра и како се гради играта,“ потенцираше кормиларот.

Посебен акцент беше ставен на дебито и влијанието на натурализираниот центар Мозес Рајт, кој донесе огромна стабилност и доминација под обрачите.

„Тој дефинитивно треба да биде нашиот главен стожер и референца под кошевите. Играчите од негов калибар се тука за да прават разлика на паркетот, а тоа денес беше повеќе од очигледно. Се надевам дека и во следните предизвици ќе можеме да сметаме на целиот состав,“ заклучи селекторот.

По овој успешен старт, репрезентативците им се враќаат на клупските обврски, а следниот репрезентативен предизвик Македонија ќе го има за два и пол месеци, кога на домашен терен ќе ја пречека селекцијата на Кипар.