Од деветта англиска лига до Лига на шампионите: „Бубалицата“ со очила го оствари невозможното!

Ова не е филм, туку вистинскиот живот на Валдас Дамбраускас – тренерот кој никогаш не одиграл ниту една минута професионален фудбал, а синоќа испиша историја и влезе во Лигата на шампионите.

Од калливите терени на англиската деветта лига до елитното европско натпреварување, од скромна заработка на телевизиски квиз до човек кој на својот клуб му обезбеди милионско богатство. Дамбраускас и неговиот Сабах од Азербејџан приредија вистинска сензација, откако во драматичен двомеч го елиминираа Хапоел Бер Шева со вкупни 6-4 и обезбедија место во лигашката фаза од Лигата на шампионите.

Кога се изгаснаа рефлекторите на стадионот „Тофик Бахрамов“ во Баку, а прославата полека стивна, Дамбраускас остана сам на теренот. Со солзи радосници на лицето, тренерот кој никогаш не бил професионален фудбалер можеше да сфати што направил. А патот до овој момент започнал пред повеќе од две децении, во Вилнус.

Дамбраускас бил обичен студент, опседнат со тактика и фудбалска теорија. Бил свесен дека без играчка кариера тешко ќе стигне до големите клубови, па морал да најде поинаков пат. И тогаш му помогнала – телевизијата. Се пријавил на литванската верзија на популарниот квиз „Кој сака да биде милионер?“. Не станал милионер, но освоил околу 1.000 долари. За многумина тоа би биле само пари за трошење, но за Дамбраускас тие биле билетот кон сонот.

Ги спакувал куферите и заминал во Англија. Без контакти и без гаранција дека ќе успее, се запишал на спортски науки и почнал да тропа на сите можни врати. Неговата фанатична посветеност на фудбалот набрзо го одвела до младинските школи на Манчестер Јунајтед и Фулам. Но, првата вистинска работа ја добил во англиската деветта лига. Во Кингсбери од Лондон, меѓу аматери и на калливи терени, Дамбраускас почнал да го гради своето тренерско име.

Токму таму го создал тимот кој го остварил најдобриот резултат во историјата на малиот клуб. Потоа следувало враќање на Балтикот и долг пат низ 12 различни клубови - Жалгирис, Лудогорец, Хајдук Сплит, Омонија... На различни места, со различни предизвици, Дамбраускас освојувал трофеи, но доживувал и болни порази, разочарувања и откази. Секој пад, сепак, бил само подготовка за најголемиот момент во неговата кариера.

Кога го презел Сабах, клуб кој не се сметал за фаворит, во Азербејџан со години владееше недопирливиот Карабах. Но, Дамбраускас успеа да создаде тим кој го сруши гигантот. Сабах ја освои историската домашна двојна круна, а потоа започна европската бајка. Клубот тргна од првото квалификациско коло за Лигата на шампионите, без големи очекувања и со малкумина кои верувале дека може да стигне до самиот крај. Но, Сабах стигна стигна таму, откако со победата над Хапоел во Баку обезбеди место меѓу 36-те најдобри екипи во лигашката фаза на Лигата на шампионите.

Со тоа пристигна и огромната финансиска награда. Самото учество му гарантира на Сабах 18,62 милиони евра, без дополнителните приходи од освоени бодови, телевизиските права и останатите бонуси. За клуб основан пред само девет години, тоа е финансиска револуција. А за Дамбраускас – историски момент. Тој стана првиот литвански тренер во историјата кој ќе води екипа во лигашката фаза на Лигата на шампионите.

Пред повеќе од 20 години освои скромна сума пари на телевизиски квиз за да го финансира својот сон. Денес, со тој сон стигна до најголемата европска сцена и на својот клуб му обезбеди богатство од многу милиони евра. Од деветтата англиска лига до Лигата на шампионите. Приказна која уште еднаш покажува дека во фудбалот не е секогаш најважно од каде тргнуваш, туку колку силно веруваш дека можеш да стигнеш до врвот.