Берокал: Имаме квалитет, но тоа мора да го покажеме и на теренот против Австрија!

Македонската кошаркарска репрезентација го имаше првиот собир во Скопје, каде што почнаа и кратките подготовки пред гостувањето кај Австрија во втората рунда од претквалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2029 година.

Селекторот Хозе Мариа Берокал кажа дека во моментов го има најдобриот состав, кој има голем квалитет, но мора тоа да го покаже на теренот.

„Би се рекло дека е така, односно веројатно го имаме најдобриот ростер. Во овој момент имаме на располагање 14 кошаркари, практично речиси комплетен состав, со исклучок на Јакимовски. Ова е краток, многу краток период за подготовки. Она што е добро за нас е што ги имаме играчите на кои сметавме. Секако, важен дел од сето ова е и тоа дека го респектираме противникот. Во секој тим има промени, но тоа е дел од кошарката. Ќе победиме со Австрија ако одиграме подобро од нив, ако играме добра кошарка. Мислам дека треба да одиграме паметно и да играме заедно, затоа што имаме квалитет. Убеден сум дека можеме да бидеме подобри, но тоа треба да го покажеме на теренот. Во оваа кратка седмица, вклучително и неделата, заедно со помошта која треба да ја добиеме од Нено, Мекиќ, Рајт, но како и секогаш – сè зависи од нас. Респектот кон противникот мора да постои, но фокусот треба да биде на нас и на нашата игра“, кажа тој.

Берокал кажа дека сите селекции играат добра кошарка, но фокусот треба да биде на играта на Македонија и кошаркарите да ги исполнат дадените задачи за да се стигне до победа над Австрија.

„Во овој момент сите играат кошарка. Добра кошарка. Некогаш недостасува некој играч. Се сеќавам дека со Луксембург имавме таков случај токму ние. Некогаш ќе загубите некој играч, но во исто време ќе се појави некој друг кој ќе даде свој придонес во успехот. Не играат имињата, на теренот се игра пет на пет. Без жалење за оние кои не се во моментот дел од тимот. Фокусот треба да биде на нас и на нашата игра. Ќе дадеме сè од себе. Можеби некои работи не можеме да ги контролираме, но можеме да се контролираме себеси. Без оглед дали станува збор за Литванија или за Австрија, мора да се натпреваруваме како тим, како национален тим. Тие се добар тим и, како што реков, ги респектираме. Но, треба да играме со голема самодоверба за да ги зголемиме нашите шанси за конечен успех“, вели селекторот.

Натпреварот меѓу Австрија и Македонија се игра во Виена на 30 август од 16.05 часот.

Фото: КФМ