На Кирјос му се заканува суспензија од четири години, но може да помине и со - еден месец!

Тежината на казната и суспензијата со која се соочува Ник Кирјос поради позитивниот тест на кокаин ќе зависи од тоа дали ќе успее да докаже дека дрогата ја земал надвор од периодот на натпреварување.

Имено, финалистот на Вимблдон од 2022 година бил позитивен на бензоилекгонин, метаболит на кокаинот, на јунскиот турнир на трева во Мајорка, а во моментов отслужува задолжителна привремена суспензија.

Забраната теоретски би можела да трае и до четири години, но би изнесувала најмногу три месеци доколку Австралиецот успее да ги убеди истражителите дека дрогата ја консумирал надвор од натпреварувачкиот период. Според „Би-Би-Си“, се смета дека тенисерот е „во натпреварување“ од денот кога започнува ждрепката за турнирот на кој настапува, па сè до напуштањето на турнирот по неговиот последен меч.

Пред сезоната на трева, поранешниот 13-ти тенисер во светот не настапуваше уште од Австралија опен во јануари, поради што во последниот период помина многу малку време на теренот. Тој беше на турнирот во Штутгарт меѓу 8 и 12 јуни, а потоа повторно во Мајорка на 21 и 22 јуни. Токму на 22 јуни, кога беше елиминиран во првото коло на турнирот, Кирјос дал примерок за кој подоцна било утврдено дека содржи бензоилекгонин.

Ако 31-годишниот тенисер успее да ја убеди Меѓународната агенција за интегритет во тенисот (ИТИА) дека ја консумирал дрогата пред да влезе во натпреварувачкиот режим, нема да има потреба од формирање независна комисија.

Тоа значително би ја забрзало целата постапка, а доколку Кирјос дополнително се согласи да се вклучи во програма за лекување, суспензијата би можела да трае само еден месец. Неговата привремена суспензија започна на 4 август, што значи дека би можел да има право на враќање во натпреварувањето уште на 4 септември.

Фото: АТP Tour