Германците ќе протестираат против ВАР: Ги уништува најемотивните моменти!

Првото коло од германскиот фудбалски Куп овој викенд би можело да биде одбележано со протести на неколку навивачки групи поради употребата на видео-технологијата за време на натпреварите.

Новата сезона во германскиот фудбал започнува во петок, кога бундеслигашите Ајнтрахт Франкфурт и Штутгарт, меѓу другите, ќе се сретнат со екипи од пониските рангови. Првото коло ќе продолжи во текот на викендот и во понеделник. Во првото коло нема да има видео-помош за судиите од технички и финансиски причини, со оглед на тоа што учествуваат 64 екипи, но ВАР ќе биде воведен од второто коло.

Новинската агенција „ДПА“ денеска објави соопштение за кое наведува дека кружи меѓу навивачите на клубовите кои учествуваат во натпреварувањето, а во него се најавуваат протести.

„Фудбалот онаков каков што треба да биде започнува токму сега, во првото коло од Купот без ВАР, а со тоа е автентичен, непосреден и полн со емоции. Сакаме ваквата состојба трајно да се врати и затоа повикуваме на укинување на ВАР во германскиот фудбал“, се наведува во соопштението.

„Додека фудбалот се темели на интензитет и ритам, текот на играта значително трпи поради долгите прекини. Исто така свесни сме дека ВАР уништи некои од најемотивните моменти во играта. Дури и навивачите кои на почетокот беа отворени кон оваа иновација и позитивно ја прифатија, сега признаваат дека ВАР суштински го промени карактерот на играта“, пишува во соопштението.