Саудијците не штедат: За 61 милион евра купија ѕвезда од Манчестер сити!

Тијани Рајндерс по само една сезона ја заврши авантурата во Манчестер сити, откако англискиот гигант го продаде холандскиот репрезентативец на саудиски Ал Кадисија за 61 милион евра.

Тој минатото лето пристигна на „Етихад“ од Милан за сума од околу 55 милиони евра, а во единствената сезона во дресот на „граѓаните“ одигра 50 натпревари и постигна седум голови. Интересно е што од неговиот трансфер одлично ќе заработи и Милан. Според договорот направен при неговата преселба во Манчестер, „росонерите“ ќе инкасираат дополнителни 14 милиони евра од продажбата на Холанѓанецот.

Рајндерс во Саудиска Арабија ќе игра под водство на Брендан Роџерс, а Ал Кадисија очигледно има големи амбиции и создава исклучително силен состав. Клубот летово го ангажираше и италијанскиот голгетер Матео Ретеги.

Холанѓанецот по заминувањето со емотивна порака се збогува со „граѓаните“.

„Имав неверојатна привилегија да играм за Манчестер сити и уживав во секоја минута помината тука. Од моментот кога пристигнав, играчите, тренерите и останатите во клубот направија да се чувствувам добредојден и како дел од семејството. Посебно сакам да им се заблагодарам на навивачите за поддршката кон мене и моето семејство. Освојувањето на двата специјални трофеи минатата сезона беше неверојатно искуство кое засекогаш ќе го паметам. Иако заминувам, Манчестер сити секогаш ќе има посебно место во моето срце“, порача Рајндерс.