Родик ги шокира фановите на Ѓоковиќ: Среќен сум што Новак загуби во Синсинати!
Србинот во второто коло загуби од анонимниот Аргентинец Тијаго Агустин Тиранте, а далеку поголема загриженост од самиот резултат предизвика неговата физичка состојба. Србинот тешко ги поднесе условите во Охајо, се тресеше, повраќаше и имаше очигледни проблеми со движењето. Сето тоа ги загрижи неговите навивачи на само неколку недели пред последниот гренслем во сезоната, но Родик на ситуацијата гледа сосема поинаку. Американецот во својот поткаст дури порача дека е среќен што Ѓоковиќ загубил.
„Дали некому во целиот универзум му е важно што ќе направи на мастерсот, освен на самиот Новак? Не. Дали е важно ако го победи Тиранте, па загуби во третото коло? Не баш. Среќен сум што загуби во Синсинати бидејќи, во најлош случај, сега има две недели во кои ќе биде на жешко време и ќе игра подготвителни сетови со тенисери кои се меѓу најдобрите 10 или 20 во светот“, изјави Родик.
Неговиот став нема никаква врска со некогашниот затегнат однос со Ѓоковиќ од почетокот на кариерата на Србинот. Родик одамна го смета Новак за најдобар тенисер на сите времиња, а верува дека во оваа фаза од кариерата за него не е пресудно дали натпреварувачкиот ритам ќе го стекне на официјални мечеви или на тренинзи. Поранешниот шампион на Ју-Ес Опен очекува Ѓоковиќ повторно да биде меѓу главните кандидати за завршницата во Њујорк.
„Најверојатно ќе ја погледнам ждрепката на Новак на Ју-Ес Опен и ќе кажам дека веројатно ќе стигне до полуфиналето. Дали нему му се потребни натпреварувачки услови колку и на сите останати? Не. Дали треба да учи како се игра меч во пет сета? Не“, додаде Родик.
Американецот смета дека практично не постои тенисер кој подобро од Ѓоковиќ може да ја пронајде вистинската форма преку тренинзи.
„Новак ќе биде добро. Според временската прогноза, во Њујорк ќе биде околу 24 степени, што е сосема поинаку од жештината во Синсинати. Мислам дека тој може да излезе на терен и преку тренинзи да го пронајде ритамот подобро од кој било друг во светот“, заклучи Родик.
Пред почетокот на Ју-Ес Опен, Ѓоковиќ го очекуваат и обврски надвор од класичната сингл-конкуренција. На 20 август премиерно ќе биде прикажан документарниот филм „Зимски волк“, а на 25 и 26 август се очекува да настапи со Арина Сабаленка на турнирот во мешани двојки.