Објавени имињата на фудбалерите на Брентфорд кои во март претепале 63-годишник!

Витали Јанелт и Кевин Шаде се двајцата фудбалери на Брентфорд, кои во март годинава физички се пресметале со 63-годишниот Англичанец, Дејвид Вилер, откако тој претходно на расна основа навредувал член на обезбедувањето на премиерлигашот, објави британски „Телеграф“.

Двајцата германски фудбалери биле сведоци на конфликтот меѓу Вилер и Израел Илесанми, кој работи во обезбедувањето на Брентфорд. Вилер, кој работи како возач на комбе за фармацевтска компанија, признал дека таа вечер испил „околу седум лименки пиво“. Тој тврдел дека погрешно го сфатил Илесанми како човек кој набљудува во корист на криминална група, по што почнал да го навредува.

„Ти не си Англичанец. Зошто си тука? Што разгледуваш?“, биле дел од зборовите кои 63-годишникот му ги упатил на Илесанми, покрај дополнителните навреди.

Јанелт и Шаде ја забележале ситуацијата и решиле да интервенираат, но тогаш Вилер го насочил гневот и кон нив, навредувајќи ги поради тоа што се Германци. По вербалната расправија дошло и до физичка пресметка во која двајцата фудбалери на Брентфорд му нанеле удари на 63-годишниот маж. Вилер потоа се јавил на бројот за итни случаи 999 и пријавил дека бил нападнат. Случајот, сепак, завршил со негова осуда пред судот во Лондон поради расистичките навреди упатени кон Илесанми.

Тој е казнет со 1.699 фунти, сума во висина на една негова месечна плата, а дополнително мора да му исплати и 150 фунти отштета на членот на обезбедувањето на Брентфорд.