Бизарна сцена во Торино: Навивач на Јувентус повреди фудбалер на – Јувентус (ВИДЕО)

Јувентус следниот викенд ја почнува новата сезона во Серија А со гостување кај Фросиноне, но тренерот Лучано Спалети се соочува со проблем каков што сигурно не можел да предвиди – Федерико Гати би можел да го пропушти натпреварот поради повреда која му ја нанесе навивач на сопствениот клуб.

„Старата дама“ пред неколку дена одигра натпревар против резервниот тим на својот стадион, по што голем број навивачи влегоа на теренот обидувајќи се да дојдат до дресови и останата опрема од фудбалерите. Најголемиот дел од играчите навреме се повлекоа кон соблекувалната, но неколкумина останаа на теренот опкружени од навивачите. Меѓу нив беше и Гати, за кого целата ситуација заврши на најлош можен начин.

Еден од навивачите при трчањето се лизна и со двете нозе од зад грб го „покоси“ дефанзивецот на Јувентус. Гати веднаш почувствувал болка, а италијанските медиуми пишуваат дека повредата не е толку наивна како што првично изгледала. Поради тоа, неизвесно е дали дефанзивецот ќе биде подготвен за првото коло и гостувањето кај Фросиноне.

Бизарната сцена предизвика и големо незадоволство меѓу приврзаниците на Јувентус, кои го осудија однесувањето на навивачите што влегоа на теренот, особено инцидентот во кој настрада Гати. Јувентус по неколку разочарувачки сезони влегува во новата со надеж дека повторно ќе се вклучи во борбата за Скудетото, а првиот тест за тимот на Спалети е в недела од 18.30 часот.