Луда вест од Англија: Челси не игра во Европа, но на „Стемфорд Бриџ“ ќе се игра ЛШ!?
Според информациите на „ЕСПН“, стадионот на Челси во моментов е прв избор на Украинците за одигрување на домашните натпревари во елитното европско натпреварување. Конечен договор сè уште нема, но „Стемфорд Бриџ“, со капацитет од околу 40.000 гледачи, има предност пред останатите опции кои ги разгледува украинскиот клуб. Сите тие се наоѓаат во Лондон. Во комбинација биле и „Крејвен Котиџ“ на Фулам и „Гтек Комјунити стадиум“ на Брентфорд, но домот на Челси во моментов е најпосакуваната варијанта.
Шахтар последен пат одигра натпревар на својата „Донбас Арена“ во мај 2014 година. Поради војната на истокот од Украина клубот беше принуден да се пресели, па домашните натпревари во различни периоди ги играше во Лавов, Харков и Киев. По почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година ситуацијата дополнително се искомплицира, поради што Шахтар европските противници ги пречекуваше надвор од Украина, меѓу другото во Полска, Словенија и Германија.
Овојпат решението би можело да биде Англија, а во прилог на Шахтар оди фактот што Челси сезонава нема да настапува во европските натпреварувања. Тоа значи дека „Стемфорд Бриџ“ ќе биде слободен во термините резервирани за Лигата на шампионите. Двата клуба имаат и добра деловна историја, а нивната најпозната зделка беше трансферот на Михајло Мудрик од Шахтар во Челси на почетокот од 2023 година.
Ако преговорите завршат успешно, ќе се добие навистина необична ситуација – Челси нема да игра европски фудбал на сопствениот стадион, но „Стемфорд Бриџ“ сепак би бил домаќин на натпревари од Лигата на шампионите.