Гатузо во свој стил по ремито со Милан: Фудбалот без навивачи е обично сра*е!

Тренерот на Лацио, Џенаро Гатузо, ги искажа своите фрустрации по вчерашното реми на домашен терен против Милан (2-2), натпревар во кој неговиот тим испушти предност од два гола.

Римскиот клуб го бележи најдобриот старт во својата историја во Серија А со три победи и едно реми во првите четири кола, со што привремено изби на челната позиција, но Гатузо не го криеше разочарувањето од драстичниот пад во играта за време на второто полувреме.

„Бевме поставени премногу ниско и направивме грешка. Моравме да поставиме низок блок, но премногу трпевме. Во второто полувреме не успевавме да украдеме топка. Посакувам момците да останат во натпреварот и на нозе цели 90 минути. Го претрпевме нивното враќање и нивниот квалитет и уште добро поминавме, бидејќи откако примивме два гола за две минути, не ја загубивме главата. Кога почнуваме да губиме на свежина, стануваме ранливи“, објасни Гатузо.

Стратегот на Лацио јавно се осврна и на изјавата на спортскиот директор Анџело Фабијани, кој претходно во текот на неделата го постави пласманот во европските натпреварувања како минимална цел за оваа сезона. Гатузо отворено се спротивстави на ваквото наметнување на дополнителен товар врз екипата.

„Не кажувам ниту дали се согласувам или не со идејата на Фабијани. Веќе имаме премногу притисок и не мислам дека е коректно да се каже дека минималната цел е Европа. Не сакам да бегам од прашањето, ниту да правам полемика, но тоа не е вистина, туку е непотребен притисок кој не можеме да си го дозволиме. Добро поминавме, можевме и да изгубиме. Првото полувреме беше на највисоко ниво, но во второто бевме премалку на нивната половина“, истакна тренерот.

Посебна емоција кај предводникот на Лацио предизвика ситуацијата со навивачите. Иако тие го испратија тимот од тренинг-центарот Формело до стадионот, сепак одлучија да го бојкотираат присуството на трибините на „Олимпико“.

„Јас се возбудив кога ги видов луѓето кои дојдоа, дури и повозрасните. Фудбалот без навивачи е сра*е, подобро е да одите на прошетка со кучето“, изјави Гатузо, кој на крајот низ шега додаде дека за време на тренинзите сè уште игра „шева“ со фудбалерите, но сега многу поретко греши и завршува во средината, иако притоа успеал да истегне мускул.