КФМ распиша конкурс за пополнување на елитата - вајлд-картата чини 40.000 евра!
Можноста за „вајлд-карта“ се отвори откако екипата на Чаир 2030 не ги исполни условите за добивање лиценца. Поради тоа, за испразнетото место ќе можат да конкурираат клубови од понизок ранг кои сметаат дека ги исполнуваат сите услови за настап во најсилната домашна конкуренција. Она што е особено интересно е начинот на кој ќе биде избран новиот суперлигаш. Од КФМ потенцираат дека испразнетото место не значи автоматска промоција за ниту еден клуб, а ниту исполнувањето на формалните услови и поднесувањето комплетна пријава гарантира добивање „вајлд-карта“.
Заинтересираните клубови мора да ги исполнуваат сите организациски, инфраструктурни, административни и финансиски критериуми предвидени со актите на Федерацијата. Посебно внимание ќе се посвети на финансиската дисциплина, а клубовите ќе мора да приложат и потврда дека ги имаат подмирено финансиските обврски од претходните и од тековната натпреварувачка сезона.
По завршувањето на конкурсот, Комисијата за лиценцирање ќе ја провери документацијата и ќе утврди кои од кандидатите ги исполнуваат пропишаните услови. Сепак, конечниот збор нема да го има Комисијата, туку Управниот одбор на КФМ, кој ќе ја донесе одлуката кому ќе му биде доделена „вајлд-картата“.
Тоа практично значи дека дури и ако повеќе клубови ги исполнат сите пропишани услови, ниту еден од нив однапред нема загарантирано право на местото во Суперлигата, туку конечната одлука за тоа кој ќе ја добие поканата останува во рацете на Управниот одбор. Клубот кој ќе биде избран потоа ќе мора да уплати 40.000 евра во денарска противвредност на сметката на КФМ и тоа однапред, бидејќи плаќањето на оваа сума е задолжителен услов за реализација на правото за настап во Суперлигата.
Конкурсот е отворен од 10 до 20 август, а ненавремените, нецелосните и неуредните пријави нема да бидат разгледувани. КФМ во конкурсот наведува дека целата постапка ќе биде спроведена според начелата на еднаков третман, транспарентност, финансиска дисциплина, правна сигурност и еднаква примена на важечките акти кон сите заинтересирани клубови.
Неофицијално, главен кандидат за добивање на оваа „вајлд карта“ е штипскиот тим Соколи 1933.