Србиновски и официјално нов тренер на Соколи - штипјани веќе се засилуваат за Суперлигата!
Штипјани ќе аплицираат на повикот на КФМ за пополнување на испразнетото место во Суперлигата, откако Чаир 2030 не доби лиценца за настап. Во клубот веќе се однесуваат како иден прволигаш и активно работат на составување на тимот за новата сезона. Главната улога во спортскиот проект ќе ја има Србиновски, кој откри дека неговите амбиции се поклопиле со оние на раководството и дека во ростерот се планирани и тројца странски кошаркари.
„Уште на првиот состанок ми беа презентирани амбициите и планот за развој, како и инфраструктурата, односно новата сала, која морам да ја пофалам бидејќи е една од најмодерните од овој тип во нашата држава. Амбициите на клубот се поклопија со моите и лесно дојдовме до договор. Чекаме официјално да бидеме промовирани во суперлигаши и во тој правец ја подготвуваме екипата. Нема голем број квалитетни македонски играчи на пазарот, но правиме напори да составиме што подобар ростер во рамките на планираниот буџет. Планираме да доведеме и три странски засилувања“, изјави Србиновски.
Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, потврди дека локалната самоуправа сериозно застанува зад проектот, а клубот во иднина ќе функционира како акционерско друштво формирано од Општина Штип.
„Ќе биде формирано акционерско друштво од страна на Општината и ќе аплицираме на повикот на КФМ за да добиеме влез во Суперлигата“, порача Јорданов.
Од клубот потврдија дека веќе е доставена почетна пријава со која Соколи го изразил интересот за настап во најсилната домашна конкуренција, а сега се очекуваат официјалните услови од КФМ по што ќе биде доставена целокупната документација. Доколку добие место во Суперлигата, примарната цел на Соколи ќе биде опстанокот, но паралелно со тоа и создавање кошаркарска база и привлекување што поголем број млади штипјани кон спортот. Домашните натпревари би се играле во новата сала „Џексон“, која треба да биде еден од главните адути на новиот кошаркарски проект во Штип.
Србиновски зад себе има богато играчко и тренерско искуство. Како кошаркар настапуваше за Гостивар, МЗТ Скопје, Никол Ферт, Жито Вардар, Работнички, Куманово, Здравље Лесковац, Фаворити и Карпош Соколи, додека како тренер ги предводеше Работнички, Торус, Кожув, Куманово и Гостивар. Во својата кариера беше и селектор на македонската сениорска репрезентација.