Ивановски сам ќе ја брани честа на македонската атлетика на ЕП во Бирмингем!

Најдобриот македонски атлетичар, Дарио Ивановски, ќе биде единствениот наш претставник на Европското првенство (ЕП), кое од денеска до 16 август ќе се одржува во Бирмингем.

Македонија на големиот континентален собир ќе има само еден натпреварувач, па Ивановски сам ќе ја брани честа на македонската атлетика во конкуренција на повеќе од 1.600 спортисти од 49 земји. Нашиот најдобар маратонец ќе настапи во својата најсилна дисциплина и ќе се обиде достојно да ја претстави Македонија во конкуренција на најдобрите европски маратонци.

Ова ќе биде 27. издание на ЕП и прво во историјата чиј домаќин е град од Велика Британија. На модернизираниот „Александер стадион“ во Бирмингем ќе се води битка за медалите во вкупно 50 дисциплини. На шампионатот ќе настапат и некои од најголемите ѕвезди на светската атлетика, предводени од светските рекордери Мондо Дуплантис и Јарослава Махучих, како и олимписките и европски шампиони Јакоб Ингебригтсен и Кили Хоџкинсон.

Дополнителен мотив за најдобрите атлетичари ќе биде наградниот фонд од 500.000 евра обезбеден од Европската атлетска федерација преку иницијативата „Златна круна“. Парите ќе бидат распределени меѓу десетте натпреварувачи – пет во машка и пет во женска конкуренција – кои ќе ги остварат највредните резултати според официјалните таблици за бодување на Светската атлетика.