Тотална светска фудбалска војна - три конфедерации против Инфантино
Во заедничко писмо до ФИФА, трите конфедерации побараа независна трета страна да изврши ревизија на предлогот, а притоа испратија и исклучително остра порака за начинот на кој бил воден процесот.
Писмото го потпишаа претседателите на УЕФА, КОНКАКАФ и АФЦ – Александар Чеферин, Виктор Монталјани и Салман бин Ибрахим ал-Калифа, заедно со генералните секретари на трите конфедерации.
„Фудбалот е најголемата заедничка страст на светот. Тој им припаѓа на сите – на играчите, навивачите, клубовите, националните федерации и на секоја институција на која ѝ е доверена неговата иднина“, стои во заедничката порака.
Конфедерациите дополнително тврдат дека ФИФА и Инфантино ги довеле во заблуда националните федерации и јавноста во врска со планот, поради што сметаат дека целиот процес мора да биде преиспитан од независна институција. Станува збор за предлог со кој ФИФА сака да создаде нова комерцијална структура, FIFA Forward Enterprise, во која приватни инвеститори би добиле удел во комерцијалните права поврзани со светските натпреварувања. Планот предизвика сериозни стравувања дека комерцијалните интереси би можеле уште повеќе да влијаат врз иднината на фудбалот.
Односите меѓу ФИФА и УЕФА веќе се сериозно нарушени. Европската страна претходно предупреди дека е подготвена да преземе радикални чекори доколку предлогот не биде повлечен, вклучително и можност за бојкот на натпреварувањата под покровителство на ФИФА. Во исто време, ФИФА се обидува да го одбрани проектот и тврди дека предлогот е во согласност со правилата, а дел од критиките се однесуваат на начинот на комуникација и консултациите со членките.
Сепак, фактот што три големи континентални конфедерации заеднички му се спротивставуваат на планот претставува сериозен политички и институционален предизвик за Инфантино.