Македонските кадети на прием кај претседателот на РФМ по успешниот настап на ЕП
Македонските ракометари го завршија европскиот шампионат на деветтото место, резултат кој дополнително добива на значење поради фактот што оваа генерација обезбеди и пласман на Светското кадетско првенство во 2027 година.

На приемот во РФМ, претседателот на федерацијата, Александар Стефанов, им упати честитки на младите ракометари и стручниот штаб за прикажаната борбеност, пожртвуваност и залагање во текот на целиот шампионат. Стефанов им посака многу успех во продолжението на нивниот развој, како и во идните репрезентативни предизвици, со надеж дека оваа генерација ќе продолжи да напредува и да биде значаен дел од македонскиот ракомет во годините што следуваат.

Освоеното деветто место на континенталниот шампионат, заедно со визата за Светското првенство во 2027 година, претставува значаен успех за македонскиот кадетски ракомет и уште една потврда дека во младинските категории се создава потенцијал за иднината на националниот тим. Пред младите ракометари сега следува период на понатамошен индивидуален и тимски развој, со нови предизвици и можност за уште поголеми резултати на меѓународната сцена.