Мурињо требал да го наследи Фергусон - плачејќи го одбил во последен момент

Сер Алекс Фергусон откри дека Жозе Мурињо бил планиран како негов наследник на клупата на Манчестер Јунајтед уште во 2013 година, кога легендарниот Шкот се подготвувал за заминување од „Олд Трафорд“.

Откритието доаѓа во новата документарна серија за Жозе Мурињо, во која португалскиот тренер открива дека дури и потпишал договор со кој требало да го преземе Јунајтед по пензионирањето на Фергусон.

Мурињо во тој период бил тренер на Реал Мадрид, а по завршувањето на сезоната 2012/13 требало да се пресели во Манчестер. Фергусон очекувал токму тој да ја продолжи неговата работа на „Олд Трафорд“. Сепак, планот пропаднал во последен момент. Мурињо открива дека, иако бил договорен со Манчестер Јунајтед, на крајот решил да му се врати на Челси. Португалецот бил емотивно поврзан со лондонскиот клуб и не сакал да го прекрши зборот што претходно му го дал на Роман Абрамович. Одлуката за Мурињо била особено тешка, бидејќи тој морал лично да му се јави на Фергусон и да му соопшти дека се откажува од договорот. Фергусон, сепак, ја разбрал неговата одлука.

„Една ноќ пред да потпише, ми се јави, плачеше и ми рече дека не може да дојде во Јунајтед од почит кон Челси. Бев разочаран, но го разбирав. Тој имаше посебна врска со Челси“, сведочи Фергусон.

На крајот, Манчестер Јунајтед го избра Дејвид Мојс за наследник на Фергусон. Тој се задржа само една сезона, по што клубот продолжи со чести промени на тренерската позиција. Мурињо, пак, се врати во Челси во 2013 година, а на „Олд Трафорд“ сепак пристигна три години подоцна. Во периодот од 2016 до 2018 година го предводеше Јунајтед до Лига Европа, Лига купот и Комјунити Шилд, но нејасно е што се сменило кај него во меѓувреме за, сепак, да одлучи да го издаде Челси и да се пресели кај лутиот ривал.

Денес, откритието отвора интересно прашање: што ќе се случеше со Манчестер Јунајтед доколку Мурињо не се премислеше во 2013 година? Можеби историјата на клубот по ерата на Фергусон ќе изгледаше сосема поинаку.