Гвардиола бил на чекор од преземање на „аѕурите“, направил и состав, па - откажал

Пеп Гвардиола бил сериозно заинтересиран за можноста да ја преземе италијанската репрезентација, а според зборовите на Паоло Малдини, дури бил блиску и до прифаќање на понудата.

Малдини, кој беше технички директор на Фудбалската федерација на Италија, откри дека заедно со советникот Леонардо отпатувале во Барселона на средба со Гвардиола.

„Отидовме во Барселона за да го посетиме Пеп Гвардиола. Разговаравме цел ден и тој беше многу заинтересиран. Беше блиску до тоа да прифати, дури почна да го запишува почетниот состав на хартија“, раскажа Малдини.

Сепак, Гвардиола на крајот одлучил да не ја прифати понудата. Малдини објасни дека шпанскиот тренер по десет години работа во Манчестер Сити и по операцијата на грбот почувствувал потреба да направи пауза.

„По 10 години работа во Манчестер Сити и секојдневни стресови, како и операцијата на грбот, едноставно сакаше да одмори. Ние ја почитувавме неговата одлука. Што се однесува до платата, таа воопшто не беше проблем, тој ни рече дека може да биде ’за едно евро помала отколку на Гатузо’“, додаде Малдини.

Италија во Гвардиола гледала потенцијално големо решение за селекторската позиција по неуспехот во квалификациите за Светското првенство. Италијанците претходно разговарале и со Карло Анчелоти, но тој одлучил да остане на функцијата селектор на Бразил. Така, иако Гвардиола на крајот ја одбил понудата, откритието на Малдини покажува дека Италија била многу блиску до ангажман на еден од најреномираните тренери во светот.