Хибернијан го шокира Ренџерс пред реваншот со Шкендија (ВИДЕО)

Хибернијан приреди големо изненадување во шкотската Премиер лига, откако со 2-1 славеше на гостувањето кај Ренџерс на „Ајброкс“. Поразот е нов сериозен удар за тимот од Глазгов, кој и по три натпревари во новата сезона сè уште нема победа.

Гостите поведоа уште во 12. минута преку Џош Кембел, кој беше прецизен од белата точка по интервенција на ВАР. Ренџерс долго се мачеше да најде одговор и покрај поголемиот посед на топката. Домашниот тим конечно стигна до израмнување во 85. минута, кога Мигел Чаива си постигна автогол. Се чинеше дека Ренџерс ќе успее барем да избегне пораз, но Хибернијан имаше поинакви планови.

Во третата минута од судиското продолжение, Калум Рајт постигна гол за 2:1 и му донесе голема победа на Хибернијан. По натпреварот, фудбалерите на Ренџерс беа испратени со свирежи од трибините. Мекинес сè уште ја бара првата победа откако го презеде тимот, а неговиот состав веќе заостанува пет бода зад Селтик.

За Хибернијан, пак, ова е огромна победа и уште еден доказ дека тимот на Дејвид Греј може да биде сериозен фактор во шкотскиот шампионат. Триумфот има уште поголемо значење бидејќи е остварен меѓу двата дуела со Шкендија во квалификациите за Конференциската лига. Тимот од Единбург в четврток гостува во Скопје, на реванш со македонскиот претставник кој вчера исто така оствари голема победа, против Вардар на Градски.