Манчестер Сити се договори со наследникот на Родри - доаѓа од Лил!
Според информациите на италијанскиот трансфер-инсајдер Фабрицио Романо, „граѓаните“ ги договориле личните услови со Ајуб Буади, младиот марокански играч за врска на Лил. Првичниот план на Манчестер сити бил Буади да пристигне во 2027 година, но ситуацијата со Родри ги променила плановите. Доколку Шпанецот замине летово, трансферот на Мароканецот би требало да биде реализиран веднаш. Наводно и самиот Буади сака уште ова лето да се пресели на „Итихад“, наместо да чека уште една сезона.
Младиот фудбалер за врска минатата сезона одигра 42 натпревари за Лил во сите конкуренции, а дополнително го привлече вниманието со настапите на СП 2026, каде што забележа пет настапи. Останува Манчестер сити и Лил да ги договорат деталите околу трансферот, по што Буади би требало да стане нов член на англискиот гигант и долгорочно решение за позицијата која досега му припаѓаше на Родри.
Шпанскиот репрезентативец, пак, најверојатно кариерата ќе ја продолжи во Барселона. Каталонците веќе преговараат со Манчестер сити, откако претходно и Реал Мадрид сериозно се поврзуваше со негов ангажман. Договорот на Родри со „граѓаните“ истекува во 2027 година, а според информациите од Англија, тој нема намера да потпише нов. Токму поради тоа Сити сака да го продаде додека сѐ уште може да заработи сериозна сума од неговиот трансфер, а истовремено веќе работи на доведување на неговиот наследник.