Беласица ќе игра против Работнички под рефлектори во Струмица!

Македонските второлигаши Беласица и Работнички в недела ќе се соочат во Струмица, а домаќините најавија дека натпреварот ќе се игра под рефлектори од 19.30 часот.

Беласица ги информира навивачите дека пријателскиот натпревар меѓу екипите е закажан во вечерен термин, а исто така посочи дека и во иднина други натпревари би можеле да се играат под рефлектори кога ќе постои можност.

„Генералка натпреварот кој нашиот тим го игра против екипата на ФК Работнички ќе се одигра на 09.08.2026 (недела) во вечерен термин од 19:30 ч. под рефлектори.

Исто така, и други домашни натпревари, сè додека налагаат временските услови, ќе бидат одиграни во вечерни термини под рефлектори.

Ги каниме сите љубители на фудбалот од Струмица и околината во недела да дојдат и да го поддржат нашиот тим и да уживаат во вечерната атмосфера која многу малку клубови од Македонија можат да си ја дозволат и е реткост во нашиот фудбал“, соопшти Беласица.

Фото: ФК Беласица