Почнува европски спектакл во Македонија - кадетите против Кипар тргнуваат кон елитата!

Македонија од денеска до 15 август повторно ќе биде домаќин на едно големо европско кошаркарско натпреварување, откако во Скопје и Гевгелија ќе се одржи Европското првенство за играчи до 16 години од Дивизијата „Б“, трето вакво натпреварување по ред во нашата земја.

Ова ќе биде петта година по ред како кај нас се организира шампионат за кадети, откако во 2022 и 2023 година беше домаќин на Европските првенства од Дивизијата „А“. Македонската репрезентација ќе ги игра натпреварите од групата во Гевгелија, каде што вечерва ќе го отвори шампионатот со дуел против Кипар (18.30 часот). Избраниците на селекторот Дејан Стојановски ќе се обидат да направат чекор кон враќање во елитната Дивизија „А“, каде што Македонија настапуваше во периодот од 2019 до 2023 година.

Патот до промоцијата нема да биде лесен. Во групата покрај Кипар се уште се Исланд, Хрватска, Швајцарија и Украина, а само двете најдобри репрезентации ќе обезбедат место во четвртфиналето. Хрватска важи за еден од главните фаворити за освојување на титулата, додека пласман во Дивизијата „А“ ќе обезбедат трите најдобро пласирани селекции на првенството.

Во Гевгелија владее голем интерес за настапите на македонските кадети, а за вечерашниот натпревар против Кипар се очекува исполнета сала и силна поддршка од трибините. За првпат градот е домаќин на едно вакво големо европско кошаркарско натпреварување, што дополнително ја зголемува еуфоријата меѓу љубителите на спортот.

РАСПОРЕД НА МАКЕДОНИЈА

6 август (18:30): Македонија – Кипар

7 август (18:30): Македонија – Исланд

8 август (18:30): Македонија – Хрватска

10 август (18:30): Македонија – Швајцарија

11 август (18:30): Македонија – Украина