Салах (ќе) го ограби Трабзонспор - ќе влезе во друштво на најплатените во светот!

Мохамед Салах е на чекор до сензационален трансфер во Трабзонспор, а доколку договорот биде финализиран ќе се вброи меѓу најплатените фудбалери во светот.

Египќанецот, според турските медиуми, постигнал начелен договор според кој ќе заработува 17 милиони евра годишно, а со бонусите неговите примања би можеле да достигнат дури 22 милиони евра по сезона. Покрај фиксната плата, договорот предвидува и процент од продажбата на дресови и останати клупски производи со неговото име, што дополнително ќе ги зголеми неговите приходи. Со ваков договор, Салах не само што ќе стане најплатениот фудбалер во историјата на турскиот клупски фудбал, туку ќе влезе и во друштвото на најплатените европски фудбалери.

Пред него според заработката ќе останат само неколку суперѕвезди. Кристијано Роналдо и натаму е убедливо прв со околу 200 милиони евра годишна плата во Ал Наср, Карим Бензема заработува околу 100 милиони евра по сезона, додека Лионел Меси, благодарение на платата и комерцијалните договори, инкасира повеќе од 70 милиони евра годишно. Во европскиот фудбал повисоки примања имаат само Килијан Мбапе, чиј годишен пакет надминува 60 милиони евра, и Ерлинг Халанд, кој според новиот договор со Манчестер сити заработува околу 32 милиони евра по сезона.

Тоа значи дека со потенцијалните 22 милиони евра годишно, Салах ќе биде пред голем број европски ѕвезди, меѓу кои Винисиус Жуниор и Џуд Белингем, и ќе се позиционира во самиот врв на најплатените фудбалери на денешницата.