Хаос во Бразил: Нејмар пцуеше и дивееше во тунелот, обезбедувањето го смируваше (ВИДЕО)

Нејмар повторно се најде во центарот на вниманието, но не поради своите фудбалски потези, туку поради жесток вербален инцидент по победата на Сантос над Ремо (1-0) и пласманот во четвртфиналето на Купот на Бразил.

Инцидентот се случил во тунелот на стадионот „Мангуеирао“, веднаш по натпреварот, кога бразилската ѕвезда влегла во жестока расправија со членови на управата на Ремо. Снимка покажува како Нејмар бурно реагира на провокациите, вика, пцуе и неколкупати им довикува „испаднавте“, а во еден момент им порачува и: „Еб*те се!“ Тензиите дополнително ескалирале кога навивачи и претставници на Ремо урнале дел од заштитната ограда пред соблекувалната на Сантос, по што морало да интервенира обезбедувањето за да спречи поголем инцидент.

Нејмар во игра влезе во второто полувреме и ја запиша асистенцијата за единствениот гол на натпреварот, со кој Сантос обезбеди место меѓу осумте најдобри екипи во Купот на Бразил. Бразилецот е далеку од славните денови во Барселона, ПСЖ и репрезентацијата на Бразил, од која се повлече по елиминацијата на последното Светско првенство. Од јануари 2025 година повторно го носи дресот на Сантос, за кој оваа сезона има 18 настапи, осум голови и четири асистенции.

Ова не е првпат во последниот период Нејмар да се најде во центарот на контроверзии. Во изминатите недели беше критикуван поради играње покер, како и поради навредување на свој соиграч.