Пелистер фуриозно до втора победа во Регионалната лига, му даде 45 гола на Ловќен!

Ракометарите стигнаа до втората победа во Регионалната лига откако денеска на домашен терен во Битола го прегазија Ловќен со убедливи 45-33.

Доминираа избраниците на Червар од почетокот до крајот на средбата, гостите во ниту еден момент не беа блиску до некакво изненадување, па на крајот македонскиот вицешампион сосема заслужено се израдува на втората победа.

Предноста на Пелистер беше убедлива уште по првото полувреме во кое водеше со 24-15, додека во второто триумфот само беше потврден.

И на овој натпревар блескаше Филип Кузмановски кој постигна 14 голови, Хенигман го следеше со десет, додека Атанасијевиќ додаде седум. Капитенот на пелистерци беше најдобар и во првото коло против Партизан пред три дена кога постигна 15 гола во победата на неговиот тим од 35-31.