Жестоко соопштение на Атлетико: Шансите за трансфер на Алварез во Барса се – 0%!
Алварез во последниот период отворено ја изрази желбата да го напушти Атлетико, при што Барселона е неговата посакувана дестинација. Сепак, од „Метрополитано“ се категорични дека нема да му дозволат трансфер во редовите на директниот ривал.
Дополнителна тензија предизвика и фактот што Алварез денеска не се појави на тренингот на Атлетико, откако контактирал со медицинската служба и пријавил дека не се чувствува добро и нема расположение за тренинг. Клубот неговото отсуство го опиша како недефинирана здравствена непријатност. Атлетико, сепак, смета дека целата ситуација е резултат на притисоци од околината на фудбалерот и Барселона. Клубот дури најави дека доказите за последиците од тие притисоци ќе бидат вклучени во постапките што ги покренал пред ФИФА и Шпанската фудбалска федерација. Во Мадрид се особено лути на начинот на кој Алварез е претставен во јавноста. Според ставот на клубот, Аргентинецот не е жртва во целата приказна, туку токму Атлетико е оној кој трпи економски, спортски и репутациски последици.
„Играчот е претставен како жртва, но единствените жртви во случајот со Хулијан сме ние. Ни наштетија и економски и социјално. Шансите да го продадеме во Барселона се 0%. Оваа ситуација не е прашање на пари, туку на достоинство“, е пораката од Атлетико.
Клубот дополнително обвинува дека е создадена „кампања со многу лаги и полувистини“ и дека единствениот кој ја плаќа цената е Атлетико.
Ситуацијата е дополнително влошена по последниот натпревар против Виљареал, кога Алварез беше дочекан со свирежи од дел од навивачите. Аргентинецот влезе во игра во второто полувреме, но по завршувањето на мечот не им се придружи на соиграчите во поздравот кон трибините, туку директно се упати кон соблекувалната. Тренерот Диего Симеоне потврди дека тоа било одлука на клубот.
„Клубот одлучи тој да не оди кон трибините или навивачите. Тоа беше одлука на клубот да го задржи настрана и да го испрати во соблекувалната“, изјави Симеоне.
Во меѓувреме, Барселона и понатаму покажува интерес за Алварез. Претседателот Жоан Лапорта јавно потврди дека каталонскиот клуб би сакал да постигне договор со Атлетико, но мадридскиот клуб засега не отстапува од својот став.
Алварез има договор со Атлетико до 2030 година, а во неговиот договор постои и откупна клаузула од 500 милиони евра. Сепак, Атлетико инсистира дека нема намера да го продаде, особено не во Барселона. Така, наместо да се приближува кон решение, „случајот Алварез“ станува сè поголем конфликт меѓу фудбалерот, Атлетико и Барселона. А времето до истекот на трансфер-периодот е сè пократко.