Македонските кадети подготвени за европска сензација пред гевгелиската публика!

Македонската кадетска репрезентација е подготвена за настапот на ЕП од Дивизијата „Б“ за кошаркари до 16 години, кое од 6 до 15 август ќе се одржи во Гевгелија и Скопје.

Избраниците на селекторот Дејан Стојановски пред домашната публика ќе се борат за пласман во елитната конкуренција. Тој по завршувањето на подготовките истакна дека е задоволен од сработеното и од изборот на 12-те кошаркари кои ќе ја претставуваат Македонија.

„Работевме интензивно во текот на подготовките. Немавме многу контролни натпревари, но затоа одработивме квалитетни тренинзи и скримиџ натпревари. Ги избравме 12-те играчи кои се борат еден за друг и кои ќе дадат максимум за Македонија“, изјави селекторот.

Тој додаде дека оваа генерација поседува квалитет, но и карактер, што, според него, ќе биде од големо значење на шампионатот. Македонија ќе настапува во групата „Б“, а првиот натпревар ќе го одигра утре (6 август) против Кипар (18.30 часот) во спортската сала „26 Април“ во Гевгелија. Потоа следуваат дуелите против Исланд (7 август), Хрватска (8 август), Швајцарија (10 август) и Украина (11 август).

Пласман во осминафиналето ќе обезбедат двете најдобри селекции од секоја група, кои ќе ја продолжат борбата за полуфинале и за едно од трите места што носат промоција во Дивизијата „А“.