Трагедија го потресе Мароко: Загина млада фудбалерка во обид да доплива до Европа!

Мароканската спортска јавност е завиена во црно по трагичната смрт на младата фудбалерка Фатен Бен Омар Ел Азизи, членка на Могреб Атлетик де Тандер, која го загуби животот при обид илегално да стигне до шпанската енклава Сеута.

Нејзиното безживотно тело било извлечено од морето, откако заедно со стотици други мигранти се обидела да го преплива опасниот морски пат од мароканскиот град Фнидек до Сеута, која за многумина претставува прва дестинација на патот кон Европската Унија. Веста за нејзината смрт предизвика голема тага низ Мароко, а социјалните мрежи се преплавени со пораки на сочувство. Нејзините соиграчи, пријатели и спортски работници ја опишуваат како исклучително посветена фудбалерка, препознатлива по дисциплината, работната етика и позитивниот дух.

Трагедијата е уште поголема ако се знае дека Фатен потекнувала од семејство длабоко поврзано со фудбалот. Нејзиниот роднина Абдесамад Ел Азизи е поранешен фудбалер на Итихад Мартил и Асоцијација Спортив де Мартил. Според локалните медиуми, Фатен била дел од група од повеќе од 800 луѓе кои во изминатите денови се обиделе да стигнат до Сеута по морски пат. Мигрантите се соочиле со силни морски струи, студена вода и целосна исцрпеност, додека мароканските и шпанските спасувачки служби се обидувале да спасат што е можно повеќе животи.