Влаховиќ ја чекаше Барселона, а може да заврши во Реал

Жозе Мурињо наводно побарал од раководството на Реал Мадрид да ја разгледа можноста за ангажман на Душан Влаховиќ, кој според португалскиот стратег би бил идеално решение за позицијата класичен централен напаѓач.

Според информациите на шпанскиот медиум „Дефенса Сентрал“, Мурињо сака во тимот да има типичен напаѓач – силна „деветка“ која може да игра во шеснаесетникот, да задржува топки и да биде опасна во воздушните дуели. Српскиот голгетер наводно совршено се вклопува во профилот кој го бара тренерот.

Дополнителен плус за Реал е фактот што Влаховиќ е достапен без трансфер-обесштетување, откако му истече договорот со Јувентус. Сепак, неговиот ангажман би барал значителна финансиска инвестиција преку плата и бонус за потпис. Наводно, 26-годишниот напаѓач би бил подготвен да ја прифати и улогата на резерва зад Килијан Мбапе, а неговите финансиски барања се околу 8 милиони евра годишно плус бонус за потпис.

Реал Мадрид во моментов има неколку опции во нападот, но Мурињо смета дека на тимот му недостасува класичен голгетер кој може да донесе поинаков стил на игра. Влаховиќ се наоѓа во центарот на вниманието, а останува да се види дали „кралевите“ ќе направат конкретен чекор за негов потпис.

Интересно е тоа што српскиот репрезентативец досега ја одолговлекуваше одлуката за својот нов клуб со цел да потпише со Барселона за на крајот да се појави можност за договор со Реал. Мурињо има искуство со трансфери на српски фудбалери од кои извлекува максимум, како Кежман во Челси пред 20 години и Матиќ во Челси и Манчестер Јунајтед пред една деценија. Влаховиќ би можел да се вклопи во тоа друштво иако Србите обично тешко успеваат во Реал што беше случај и со Лука Јовиќ пред неколку години.