Бура во Црна Гора по историскиот европски дебакл – Дејан Савичевиќ на удар
Четирите црногорски претставници во европските квалификации – Сутјеска, Морнар, Дечиќ и Петровац – не успеаја да одиграат барем нерешено, со што Црна Гора остана со поразителен учинок од 0 победи, 0 нерешени и 10 порази.
Последен падна шампионот Сутјеска, кој беше елиминиран од белоруски Витебск, откако претходно беше запрен и од Кајрат во квалификациите за Лигата на шампионите. Морнар загуби од Атлетик Ескалдес, Дечиќ беше елиминиран од Лиепаја, а Петровац од Жалгирис. Овој резултат предизвика големо незадоволство кај јавноста во Црна Гора. Дел од навивачите и фудбалските работници сметаат дека станува збор за кулминација на долгогодишните проблеми во домашниот фудбал и бараат одговорност од раководството на федерацијата.
Савичевиќ, легендата на југословенскиот и европскиот фудбал, кој долги години е на чело на Фудбалскиот сојуз на Црна Гора, се најде под жесток притисок по најлошиот европски настап на црногорските клубови. Критичарите посочуваат дека проблемите не се само во резултатите, туку и во развојот на младите играчи, квалитетот на домашната лига и недоволната конкурентност на клубовите на европска сцена.
По ова европско фијаско, прашањето кое сè почесто се поставува во Црна Гора е дали се потребни сериозни промени за да се спречи понатамошниот пад на тамошниот фудбал. Репрезентацијата на Црна Гора, покрај Косово, е единствена од поранешна Југославија која се уште не се пласирала на големо натпреварување.