Трпението на Флорентино Перез не е безгранично: Винисиус доби ултиматум

Раководството на Реал Мадрид ја губи трпеливоста во преговорите со Винисиус Жуниор околу продолжувањето на неговиот договор и донесе јасен став – Бразилецот мора да ја прифати последната понуда или ќе биде ставен на трансфер-листата уште ова лето.

Според шпанските медиуми, клубот им порачал на претставниците на 26-годишниот крилен напаѓач дека понудата која е на маса е конечна и нема да има нови преговори, ниту подобрени финансиски услови. Доколку Винисиус одбие да потпише нов договор, Реал ќе се обиде да го продаде во текот на актуелниот преоден рок за да избегне можност следното лето да остане без обесштетување.

Иако во Мадрид и понатаму го сметаат Винисиус за еден од најважните фудбалери во тимот, челниците не се подготвени да направат исклучок од клупската политика за максималната висина на платите.

Во случај Бразилецот да одбие и нов договор и трансфер, не е исклучено неговата улога во тимот значително да се намали, особено ако Реал го комплетира најавениот трансфер на Јан Диоманде од РБ Лајпциг.